„Книгата е еден вид враќање кон себе, поточно да не се заборавиме самите себеси во постојаната динамика и да не останеме во тркалото што ги премотува чувствата на луѓето со центрифугална сила, туку да запреме малку, да се одмориме од многу нешта и да уживаме во слободното време што го имаме пред нас.
“Писателската дејност на писателката Кристина Краличин сама по себе значи инспирација. Инспирирана од природата, од луѓето, од внатрешната содржина на сѐ што е видливо и невидливо за човечкото око. Краличин ги црпи темите од непресушниот извор на животот и таа своја инспирација несебично ја предава на читателите обликувана во формите на моралната естетиката на пишаната реч, во декорот на длабочината на мислата и моќта за досегање на мистиката во нано космосите на душевните пространства. Таму каде се протега најдлабоката интима на постоењето Краличин го надминала лимитот на времето и на просторот со успешност на автор кој ги оживува своите ликови во делата и кои говорат само кога се разбира нивниот начин на обраќање.“
Пред околу еден месец, Краличин промовираше два нови романа, „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“, кои се во издание на „ИД-концепт/Чудна шума“.Промотори беа Ермис Лафазановски и Билјана Црвенковска, која е уредник на издавачката куќа „Чудна шума“. Делови од романите читаше актерката Дарја Ризова.
„Ова е едиција од 14 романи кои меѓусебно се поврзани на еден специфичен и невообичаен начин. Нишката што ги поврзува е во самата содржина на романите, иако темите, ликовите и времето на настаните се различни“, кажа Краличин на промоцијата.
Со неа разговаравме околу самата нејзина замисла за серијалот, инспирацијата за ликовите во него, како и за тоа што мисли за читачката култура во Македонија и за шансата што им се дава на младите домашни писатели.
Книгите се наменети за читателската публика. Дали во нашата земја постои навика за читање и дали секој што е љубител на убаво пишаниот збор има можности да купува книги? Какви се можностите на едно просечно семејство да допринесе за збогатување на својата домашна библиотека? Освен тоа, каква публика вие лично таргетирате со Вашите дела?
Книгата е основа за развојот на културата на една земја. Ако тргнеме од фактот дека секое поле во сите области на општествениот живот, без исклучок, започнува да се формира и да се гради преку пренос на знаење од книгите, тогаш читањето претставува обврска за човекот. Без книгите не би постоел општествениот систем во таа форма во која го знаеме денес што укажува на постоење навика за читање книги кај населението, но тоа не го прецизира точниот процент за читање на белетристика. Љубителите на убаво пишаниот збор ја познаваат добро максимата дека од книгата само можете да добиете нешто ново, никогаш не можете да загубите.
Околу прашањето дали едно просечно семејство во нашата земја има финансиски можности да ја збогатува својата домашна библиотека, би дала потврден одговор, бидејќи денес на пазарот ако ги споредиме цените на производите за широка потрошувачка и цените на книгите како производ, можеме да заклучиме дека книгите се достапни и поволни за читателите од финансиски аспект. Мислам дека секој може да купи книга што тематски го интересира. Кога ја имаме книгата пред себе, таа е готов производ, а секој производ е сублимација на процеси што стојат зад неговото креирање и создавање. Значи во позадина стои авторот што го создал тоа дело, а понатаму следи процесот на реализација за мислите да преминат во печатена книга. Тука спаѓаат материјалните трошоци поминувајќи низ патот на издаваштвото, дизајнот, печатењето, пласирањето на пазарот итн. Со оглед на трошоците кои се потребни за да се создаде една книга, мислам дека цената е адаптирана според куповната моќ на населението, а не според нејзината реална вредност.
Кога станува збор за моите прозни дела, тие припаѓаат во популарна фикција, а разработуваат различни тематики навлегувајќи во повеќе домени на општествениот и социјалниот живот со описи на места кои реално постојат. Моите книги изобилуваат со реални податоци од многу области, независно што ликовите се позајмени од мојата имагинација. Затоа би рекла дека немам таргетирана група на читатели, бидејќи секој може да се пронајде во нив.
Во напливот на брзо достапните информации, на луѓето им се на дофат најразлични облици на пишани текстови, зошто човек денес би посегнал да прочита печатена книга, кога знаеме сите ние дека динамиката на животот го ограничува слободното време на човекот. Освен тоа, во битката за професионално усовршување, каква литература Вие би преферирале, дали за онаа која е поврзана со работните ангажмани и професионални определби кај луѓето или модерната популарна фикција која не е во тесна врска со нивните интереси? Која е разликата кога станува збор за исполнување на слободно време кај читателот, што според вас е поквалитетно за да му се даде внимание?
Точно е тоа дека динамиката на живеење не дозволува многу слободно време и во тоа слободно време повторно мошне динамично се воспримаат информации на брз, лесен и достапен начин преку интернетот или социјалните мрежи. Сепак, разликата меѓу тие достапни информации и читањето книга е во многу нешта голема. За да се чита книга се бара интимен простор, свое мирно катче, се бара одредена изолација од светот, додека за протокот на информации по електронски пат, тоа не е потребно. Во надојдената вода од денешната брза река наречена живот, јас би рекла дека книгата е каменот за одмор, пауза за душата или пак мостот со кој се поврзуваат сетилата. Поинаков е аспектот за пристап. Книгата напротив може да претставува и своевидно прибежиште од секојдневниот замор, стресот или притисокот што го чувствуваме. Таа, ако има висок праг на квалитет, може да ја подобри и здравствената состојба на луѓето што се наоѓаат под постојан стрес. Може да го разбуди заспаното чувство за естетика на речта, да ја промовира слободата на мислата, да го визуализира пишаното на свој автентичен начин, да ја разбранува возбудата под струните на виолината од срцето.
Кристина Краличин е книжевен глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска генерација на писатели, со богата, стилски облагородена и автентична писателска нарација. Нејзините дела претставуваат многуслојна ризница на силни филозофски, психолошки и културолошки аспекти на животот, интерпретирани во повеќезначајна јазична структура.
Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за италијански јазик и книжевност и американски студии, проучувајќи ги италијанската и американската култура и книжевност.
Автор е на две стихозбирки „Патот на душата по зборот што гори“ и „Poetry as a Perfect Entity: The Ethical Dimension of Life: Verses of the Essence“ на англиски јазик, една збирка раскази и поезија „Collection of Poems and Stories: Love the Differences“ на англиски јазик која е преведена и објавена на италијански јазик „Raccolta di Poesie e Racconti: Ama Le Differenze“, на три романи „Дното на моето небо“, „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа“. Добитник е на меѓународни награди, меѓу кои и интернационалната „Concorso Internazionale “Il Parnaso” – Premio “Angelo La Vecchia” VIII Edizione 2022/23“. Дел од нејзините песни се влезени во две антологии издадени во Италија.
Има објавено повеќе статии и колумни во италијански портал, како и серија мотивациски текстови.
На делот од прашањето што се однесува на изборот помеѓу стручна, научна литература, не-фикција и фикција, човекот навистина е потребно да се усовршува во својата професионалност, да чита литература што е поврзана со неговиот напредок на знаењата што ги поседува за одредена област, но исто така, мора да помисли и на себе, на своите лични потреби за одмор, за вистинска релаксација. Чинам дека книгата е спортот за душата како што е физичкиот спорт за телото. Или пак, читањето книга би го споредила со умствена фискултура. Во нашиот живот, во нашето постоење, потребно е да имаме простор што треба да си го дадеме самите на себе. Освен тоа, научно е докажано дека преку читањето мозокот е повеќе активен и ја подобрува меморијата и концентрацијата, па дури и се препорачува кај луѓето кои имаат тешкотии во комуникацијата со другите луѓе. Книгата е еден вид враќање кон себе, поточно да не се заборавиме самите себеси во постојаната динамика и да не останеме во тркалото што ги премотува чувствата на луѓето со центрифугална сила, туку да запреме малку, да се одмориме од многу нешта и да уживаме во слободното време што го имаме пред нас.
Можете ли да ни кажете нешто повеќе за Вашиот осмислен серијал на прозни дела? Колку романи ќе има и како се поврзани меѓу себе?
Уште кога го пишував првиот роман „Дното на моето небо“ се роди идејата за серијалот, кој вкупно ќе брои 14 романи. Поточно првиот роман е нивниот стожер. Со хероината на романот го отворам серијалот, а со неа како главен лик ќе го затворам последниот роман од серијалот во кој ќе го обелоденам нејзиното име и подлабоко ќе го претставам нејзиниот живот и лик. Надвор од таа временска дистанца првиот и последниот роман се всушност една засебна целина. Хероината е претставена во „Дното на моето небо“ како писателка на овие романи што јас ги пишувам. Воедно во секој роман се зачнува насловот, како и дел од темата на наредниот роман, што значи тие се поврзани во самата содржина иако се комплетно различни. За разлика од серијалите кои се основаат врз одредена нишка или заедништво, што ги среќаваме во досегашната литература или пак се реализирани преку филмското платно, моделирани се преку една врска, а тоа најчесто е еден лик или група на лица поврзани пример фамилијарно, во друштво или на друг начин. Секако има и серијали кои се врзуваат за дадена локација, може тоа да биде место, град, институција, на пример болница, училиште, полициска станица, ресторан итн. Исто така, има серијали кои се поврзуваат со факторот време, на пример се пишува за писатели, сликари, познати фамилии или историски настани кои се случиле во одреден период. Серијалите, често пати, се врзуваат и со одредена тема. Но, овој мој серијал е поинаков од сите што се среќаваат досега, од причина што не се врзува во ниту еден сегмент за стандардите на постоењето на серијалите.
Кај мене во делата, ликовите не се исти, локациите, исто така, се сосема различни, аспектот на темата е различен, а временскиот период е димензија која се движи во сите правци. Сакам да кажам дека романите се меѓусебно поврзани на цврст и кохезивен начин во повеќеслојна структуралност. Освен тоа, самиот серијал има различни нивоа, ликовите и настаните се едно ниво, друго ниво се нивните дела како нишка на поврзување, а над тоа ниво е анонимната писателка што ги пишува и поврзува сите нив како нејзини дела. Оттука започнува дното на градењето, што всушност е небо од чии висини се поставуваат самите основи и темели на романите. Така, последниот роман всушност истовремено е прв во серијалот според логиката на временските дејствија.
Еве како тоа би го објаснила: Главниот лик Роберт Хил од „Денот пред да се стемни“ ги чита првите страници на новиот роман „Последна шанса за втора клапа“, каде младиот сценарист Тери Милер е главен лик. Дејствијата на двата романи се сосема различни, но на еден начин би рекла дека во временската рамка на случувањата се преплетува времето губејќи ја својата значајност за минато, сегашност и иднина. Ако Роберт Хил кој е лик од првиот роман на анонимната писателка чита за ликот Тери Милер кој е од нејзиниот втор роман, во имагинарниот свет на постоењето на двата романи, Тери Милер веќе се случил што значи е претходник на Роберт Хил. Тоа значи дека имаме обратно пропорционално време на настани. Тоа е временска димензија што се пречекорува поинаку од стрелките на часовникот на што сме навикнати. Кога би ја претставила шемата во 3D дијаграм (дрво на романите), ќе наидеме на испреплетени гранки кои влегуваат едни во други во различни временски зони, а сите потекнуваат од едно исто стебло. Значи тоа е еден серијал што постепено ќе се разоткрива пред очите на читателите и јас овој серијал би го нарекла крупен проект во кој моите ангажмани на пишувањето ќе бидат на врвно и завидно ниво.
Како досегашното искуство влијае на вашите идни дела? Дали има нешто што беше замислено поинаку, а сега се менува откако ги имате в раце овие романи, или, можеби по реакциите што ги добивате од читателите?
Точно е тоа дека досегашното искуство влијае на моите идни дела. Едноставно кажано, пишувањето роман е искуство. Кога постои концепт, основа, план за да се реализира тоа дело во завршен изглед, искуството не го носиме во себе со почетокот на тој процес. Јас ја имам содржината на романот во главата, но ја немам неговата конечна форма со деталите, стилското изразување, аспектот на набљудување и опишување. Пишувањето романот е процес низ кој самиот писател минува за прв пат. Секое ново дело со нова тематика, бара минување по тој пат за прв пат! За да проникне во с’ржта на настаните што треба да ги опише писателот никогаш не е сам и не мирува. Тој другарува со своето дело, комуницира, размислува на него постојано. Да даде име, лик, карактер, главна улога, животна ситуација, сплет на настани и ликови, писателот мора да знае како да излезе од сопствената кожа и да се внесе во туѓата. Да чувствува заедно со него, да плаче или да се смее, да води разговори меѓу него/неа и другите ликови во романот, да се стави од онаа спротивната страна на себе си.
Видеокругот, т.е. видното поле на писателот е огромно, тоа има длабоки и непознати простори кои допрва треба да ги разоткрива и да ги запознава самиот тој. Тоа не е ни малку лесна работа. Понекогаш имам чувство дека работам повеќе од 24 часа дневно. За писателот нема одмор. Тој го спознава своето дело преку личниот пристап на размислување уште пред да почне да го оформува, потоа следи самата реализацијата, а на крај и промоција на тоа дело. Како што реков во една пригода, книгата има крв, циркулација, пулсира невидливо помеѓу зборовите, но многу опипливо – тој нејзин живот многу зависи од реакцијата на публиката со други зборови – писателот и публиката комуницираат преку книгата!
Писателката Кристина Краличин на фотографиите за ова интервју е облечена во креации на Елена Лука
Тргнувајќи од тоа дека вие сте писателка, дали жените се главните ликови во вашите романи и какви жени вие опишувате. Дали станува збор за жени што се активно вклучени во општествените процеси во една земја, земајќи ја во предвид улогата на жената во различните сфери на животот. Какви се нивните идеолошки определби или поточно за каква цел се борат вашите хероини?
Во мојот прв роман „Дното на моето небо“ главниот лик е жена која поминува еден временски краток, но тежок период поради изгубените два клучни сегменти во нејзиниот живот на приватен и професионален план. И кога жената е во очај, и кога се руши нејзиниот сон како кула од карти за успешен живот на една млада и амбициозна личност, кога има чувство дека е оставена сама без да има поддршка и разбирање, тогаш таа сфаќа дека мора самата да се избори со духовните стеги што ги чувствува длабоко во себеси. Ништо друго не ѝ преостанува освен да се фати во тесна борба со своите чувства. Најпрво, да ја прифати болната вистина како реална загуба во нејзиниот живот и да најде сили да се помести од таа точка од каде нема начин како да продолжи понатаму да чекори.
Романот е длабока психолошка драма што се одвива пред сé во нејзината глава, а што читателот може да ја почувствува како дел од себе, бидејќи романот е пишуван во прво лице. Ги отфрла лажните надежи, ги анализира ситуациите што ја довеле до таквата точка на стојалиштето и пронаоѓа во себе нова сила да издржи во напорот повторно да застане на нозе, без да преземе погрешни чекори што би ја довеле побргу до амбисот на своите морални вредности. На тој начин, жената во овој роман е мислител, добар аналитичар, има широки видици за сфаќањето на животот, нејзините погледи за животните прашања се преставени преку сопствените мисли на еден модерен, софистициран и самокритичен женски лик.
Како што сме сите ние луѓето различни меѓу себе, така и застапеноста на ликовите и нивните карактери во романите се различни. Животот е склоп од многу нешта, тој е состав на горчливото и слаткото истовремено, на лошото и на доброто. Опишаните женски ликови што се среќаваат во романите ги носат карактеристиките на нашата современост, на ова денешно време во кое се наоѓаме. Жените можат да придонесат многу кога се безрезервно вклучени во општествениот систем и институционалниот поредок. Тие се способни да реализираат многу планови во професионалниот ангажман, да го подигнат прагот на квалитетот во работата, да ги изнесат своите ставови и да внесат креативен дух во својот делокруг на делување. Не е во ред човекот да се цени според одредени физички карактеристики, туку според тоа каков е неговиот потенцијал за да се вложи во одредена работа.
За разлика од првиот роман, во другите два романи главните ликови се мажи кои имаат свои животни патеки. Секој писател за да се стави во машка или женска улога пред сé мора да биде добар психолог, но секако и да поседува висок степен на емотивна емпатија кон луѓето за да ги разбира нивните проблеми или тешки ситуации на кои наидуваат. Со други зборови, писателот мора да сочувствува со своите ликови на еден реален начин и точно да умее да ја процени објективната состојба во која тие се наоѓаат, како и нивната објективна субјективност, колку и да звучи тоа чудно.
Во првиот роман главен лик е Роберт Хил. Во вториот роман главен лик е Тери Милер. Иако се многу различни имаат и заедничка црта, а тоа е фактот дека и двајцата го вложуваат својот максимум на работните места. Но, би сакала да извадам на површина една од модерните теми што се среќава во романот „Денот пред да се стемни“, односно мобингот на работното место што го доживува ликот Роберт Хил. Тој мобинг врз него го врши директорот на фирмата каде што се вработува, што всушност е жена. Станува збор за една исклучително интелигентна личност која си поигрува со чувствата на Роберт, вршејќи му мобинг, и тоа сексуален.
Зошто токму тоа прашање го одбрав за дејствие во романот? Мобингот е мошне сериозна тема. Тој е огромен притисок под кој личноста може да попушти и да се „скрши“, а пред сé психички. Едноставно, човек може најлесно да падне во очај кога се наоѓа во тесниот и болен простор на клештите што го држат цврсто и стегнато, без да има начин за самоодбрана од нив. Воедно, мобингот најтешко и се докажува. Во последно време мобингот е тема за која не се зборува толку гласно и отворено, можеби и од овие наведени причини. Ретко кој се осмелува да ја признае таа тешка состојба во која се наоѓа. Мојата тенденција беше преку тежината што Роберт ја чувствува на работното место да ги натерам и мажите да помислат како им е на жените кога се судираат со таков проблем. Звучи обратно, но тоа беше и мојата перспектива на гледање и приоѓање кон тој психолошки аспект. Преку еден машки лик, одблизу да ја почувствуваме улогата на жртвата која станува марионета со која си поигрува оној од кого зависи на работното место. Но, од друга страна, Роберт Хил е еден позитивен човек, поточно позитивен машки лик за кој сум сигурна дека ќе ги освои симпатиите од читателската публика, пред сé заради неговата добронамерност, чесност и трудољубивост. Тој е пораснат со самохрана мајка што неизмерно ја сака. Значи застапена е и љубовта на мајката во романот, како стожер на семејството. Роберт ја почитува жената и нејзината важна улога во животот. Тој е неуморен трагач по вистинската љубов, по жената што може да го исполни неговиот живот на правилен начин.
Во моите романи среќаваме способни жени во разни области: жени во медицината, новинарството, жени што работат во филмската продукција, актерки, костимографи, понатаму жени во науката, жени стручни во археологијата, палеографијата, физиката, па дури и во спортот, како што е сурфањето на вода, итн. Во моите романи застапени се многу ликови и тоа ги прави богати и комплексни. Ако во драмите имаме кулминација и заплет по чија највисока точка следува расплет, во овие романи слоевитоста на содржината создава повеќе заплети, а расплетот е оној пат по кој минуваат главните ликови и токму тој пристап ги прави романите возбудливи, интересни и прецизно осмислени.
Дали имате одредени сознанија бидејќи со интензивен чекор навлеговте во полето на книжевноста, какви автори кај нас повеќе се застапени во нашата земја и дали е дадено доволно простор за нашите млади писатели, дали ќе го оправдаат својот квалитет пред читателската публика? Кога станува збор за млади, но силни и автентични автори како да се придобие довербата кај луѓето дека станува збор навистина за квалитетна книжевна творба?
Прашањето Ви е на место, бара повеќеслоен одговор, затоа што слоевитоста се содржи во самото прашање. Пред да го образложам моето мислење, би направила една парабола како куса метафорична претстава за тоа што сакам да го кажам околу состојбата на младите квалитетни автори во нашата земја. На пример, ако сте земјоделец и имате поле на кое одгледувате овошје, на тоа поле освен овошје, расте и плевел. Плевелот расте, а земјоделецот тоа не го посакува од проста причина што му штети на овошјето. Плевелот не го менува изгледот на овошјето, бојата или вкусот, но го гуши во просторот со тенденција да го исуши. За жал, по некое непишано правило, плевелот е многу поагресивен од овошјето во својот раст. Зошто го кажувам сето ова? Во полето на книжевноста, квалитетот и неквалитетот заедно растат. Сите ние заедно немаме полза од тоа ако плодот се исуши заради присутноста на дивиот плевел, посебно кога критичката мисла во книжевноста е застапена во мал сегмент, или пак, воопшто не постои. Тогаш, сé никнува и сé расте и нема методологија за прочистување на теренот. На тој начин, зборувам општо, читателот се доведува во една незавидна ситуација да биде прочистувач на плевелот. Земјоделецот лесно ја препознава црвената јагода на дневна светлина, но во мрак не може да ја пронајде.
Тоа се случува и во полето на книжевноста. Читателот не може да ја види содржината на книгата, пред да ја прочита додека ја купува, бидејќи таа е затворена во крвотокот низ нејзините страници. Тој, како и земјоделецот во мракот во оваа парабола, може да одбере книга што ќе го привлече поради насловот или корицата, но сепак ќе остане „гладен“. Постојат читатели кои ја оставаат книгата недочитана разочарани од нејзината содржина. За да се задржи вниманието на читателот, писателот не треба само да напише книга или да ја осмисли по своите нормативни вредности на мислата, туку треба да умее да понуди квалитетно четиво. Има книги што можат да понудат многу, а и секако книги кои немаат што да дадат. Книгата пред сé треба да биде литературно издржана, сакам да речам – писмено напишана, иако се судираме со книги што не се граматички точни и не го застапуваат богатото стилско изразување.
Сето ова го велам со доза на болка, бидејќи и јас пред сé сум читател. Во мојата наобразба на Филолошкиот факултет во Скопје, не сум учела само за начинот на правилното пишување во книжевноста, туку сум прочитала и многу книги од ризницата на познатите писатели низ историјата во Италија и САД чијашто книжевност ја проучував, за време на студиите на Катедрата на италијански јазик и Американски студии. Низ моите раце поминале делата на великаните на перото од тие земји, но секако и пошироко во светски рамки. Не смееме да дозволиме читателот да ја „прочистува“ книжевноста на ова тло, бидејќи ќе се откаже од намерата за купување книги со текот на времето. Потребна е здрава критичка мисла од страна на соодветен ентитет што ќе успева да го намали нередот предизвикан од плевелот на тлото на пишаната реч. Во „опстанокот“ на писателите, многу е важен индивидуалниот пристап, но и прифаќањето на авторот од страна на публиката, бидејќи писателот треба да ја прифаќа публиката на која тој ѝ се посветува преку пишаното дело.
Се работи за заемно прифаќање, во книжевноста не постои еднонасочност. Секој писател оди по својот пат, создава релации што му одговараат со различна структурална вредност и опстанокот во книжевноста различно го трасира. Нема дефиниција, нема формат, нема модел како нешто треба да се направи и кој е патот до успехот. Од големо значење е и тоа од страна на писателската фела да им се даде поддршка на квалитетните млади автори. А за тоа никако не смее да преовладува субјективниот суд поради некакви интереси, туку објективната вредност што тој автор ја носи во себе. Кога се пишува, се твори со целото свое битие, се пренесува своето учење кон другите и се одзема многу од своето време. Пишувањето значи давање, како давање дел од себе. Секоја книга е автентичен печат на отпечатоците од прстите на писателот. Книгата на секој писател му го одредува нивото на кое се наоѓа. Тоа што писателите го оставаат зад себе, е нивната лична карта по која ќе бидат препознаени како творци во книжевноста. За мене тоа значи цел за која сум свесна дека бара многу вложувања.
Текстот е преземен од Kapital.mk - Линк до оригиналниот пост.