Македонската новинарка, писателка и поетеса Кристина Краличин ја промовираше стихозбирката „Патот на душата по зборот што гори", вчеравечер, во пријатната атмосфера на Morris Caffe Bar во Дебар маало.
„Патот на душата по зборот што гори" претставува поетско првенче за авторката. Во поговорот на книгата, таа вели:
„Книгата ја извезов со поетска инспирација, ја врзав со говорот на сетилата, ја проткав со небото, реките, планините, калта и земјата по кои транзитира времето. Се роди спонтано и ненаметливо течејќи низ формите на невозможното, каде што се мие и блеска љубовта како кристално чиста есенција на зборот и мислата. Ја давам несебично, топло и даровно на секој што знае да вреднува подарок испишан со мастилото на срцето."
Промотор на настанот беше Сребра Ѓорѓијевска, модератор Билјана Црвенковска, додека пак делови од стихозбирката читаше Благоја Чоревски.
Зорувајќи со нас за главната инспирација за да се роди оваа стихозбирка, Краличин открива:
"Кога станува збор за инспирацијата од каде ја земам, позајмувам или црпам, таа се јавува како резултат на ненадејна побуда за творење, а со самото тоа значи дека инспирацијата не се предвидува и не се планира. Не е однапред лоцирана за да биде фокусирана од моја страна, туку доаѓа стихијно и непредвидливо, таа е елементарна и без никакви претензии. Не се раководи свесно, туку извира силно, а со самото тоа можам слободно да кажам дека инспирација е сѐ што нѐ опкружува. За мене може да биде инспирација и ситната капка утринска роса на некој лист, сончев зрак кој ги протега своите златести прсти по падините, планините, снегот кој се топи на дланката менувајќи ја својата форма пред моите очи, љубовта искажана преку еден обичен збор, но обоен со боите на срцето. Инспирација може да биде не само убавината што е неоспорно голема насекаде, туку инспирација е и солзата, тагата, болката, нешто што постои во нашето суштествување. Инспирацијата има многу лица, многу возбудливи треперења како калеидоскоп каде секоја нејзина форма и боја воодушевува. По неа не треба да трагаме за да ја најдеме, повеќе би рекла дека само треба да имаме чувство да ја препознаеме. На крај би заклучила дека инспирација е животот со сета своја разнобојност по кој патуваат сетилата низ бескрајот."
За приликата, писателката блесна во креација на ЕЛЕНА ЛУКА.
Долгата и едноставна силуета на тоалетата во црна боја беше збогатена со деликатни бисерни копчиња вдолж предниот дел и волуменозни долги романтични ракави од нежен бел тул пропрскани со полка точки, креирајќи врвна класика и елеганција.
"Соработката со Елена Лука започна спонтано, но верувам дека не е случајно, бидејќи во сите случајности носиме дел од нашите намери или желби. Јас ја пронајдов естетската убавина во модната линија на ЕЛЕНА ЛУКА и мислам дека комплетно ми прилега надворешно во корелација со целата личност. Кога две комплементарни работи ќе се спојат во една целина, се добива една успешна комплетна слика како краен резултат.", вели Краличин.
Кристина Краличин е родена во Скопје каде се школувала и завршила на Филолошкиот факултет „Блаже Конески". Љубовта кон пишаниот збор ја носи во себе од своето раѓање, и токму во таа насока ги усмерува своите намери во работата што ја исполнува целосно.
Не само што пишува уште од најраното детство – поезија и раскази, туку водена од предизвикот на текстот, информацијата и пишаната мисла, работи како новинар во една од нашите телевизии 3 години, што ѝ дава искуство пред јавност и пред публика, како да го изнесе своето размислување и да ја почувствува моќта на пишаната или изговорената реч. Откако има насобрано материјали за да издава книги, таа се решава да го направи првиот чекор кон авторството и да ги обелодени пред јавноста сите свои дела, да си ја разголи душата и да ја претстави својата ризница на убаво напишани мисли.
Текстот и фотографиите се преземени од Fashionel.mk - Линк до оригиналниот пост.