14 Feb
14Feb

Писателката Кристина Краличин ќе промовира два нови романи „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“ во издание на ИД-Концепт / Чудна шума.

Промоцијата ќе се одржи во рамки на деновите на литература, на 15 февруари (четврток), во 19 часот во Литература.мк во Дајмонд мол. Промотори ќе бидат проф. д-р Ермис Лафазановски и Билјана Црвенковска.

Романот „ДЕНОТ ПРЕД ДА СЕ СТЕМНИ“ е преплетена комбинација на панорамскиот, психолошкиот и љубовниот сегмент на животот што го придружуваат човекот по патот на неизвесноста, во потрагата по сопствената среќа. Главниот лик на романот – Роберт Хил заминува да живее и работи во друга земја надвор од своето родно место, оставајќи го минатото зад себе во очекување да ја пронајде личната афирмација на професионален и приватен план. Сепак, судбината не се одвива според неговиот план, таа има свој начин на презентирање нови животни предизвици во вителот на неочекуваните случувања и ситуации, што за Роберт Хил ќе претставуваат своевидно губење на личната слобода и разнишување на сопствената самодоверба.
Тој првпат во животот ќе се судри со притисок наметнат од страна на неговиот работодавец и под силниот удар на мобингот ќе ја бара онаа страна на судбината што ќе може да го изведе надвор од душевните стеги.

Романот „ПОСЛЕДНА ШАНСА ЗА ВТОРА КЛАПА – СЦЕНАРИОТО НА НЕМИОТ СВЕДОК“ е психолошки роман со хорор-секвенции, кој го пренесува најдлабокото скриено искуство на сценаристот Тери Милер, кој живее и работи во градот Остин во Тексас, Америка. При едно патување во градот Далас за снимање сцени за филмот на кој работи, доживува сообраќајна несреќа што комплетно ќе му го измести неговиот поглед на светот и на животот, а особено затоа што има жртва за која тој се обвинува себеси. Тери Милер ја започнува својата психолошка драма во која неговата свест бара начини да се избори со илузијата што му ја креираат неговите мисли. Романот изобилува со богат книжевен речник, уметничко-литературен функционален стил на изразување во филозофскиот аспект на основните животни прашања, особено кога главниот лик се наоѓа во вклештениот простор помеѓу минатото и иднината, просторот на разбудените спомени од детството во кохезија со иднината што темелно ја визуализира за филмот „РЕМ-семиреалност во 5.000-та година“. Ова е експлицитен психолошки роман со индоктринирани испреплетени сегменти на научнофантастичен жанр.

Кристина Краличин е книжевен глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска генерација на писатели, со богата, стилски облагородена и автентична писателска нарација. Нејзините дела претставуваат многуслојна ризница на силни филозофски, психолошки и културолошки аспекти на животот, интерпретирани во повеќезначајна јазична структура. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за италијански јазик и книжевност и американски студии, прочувајќи ги италијанската и американската култура и книжевност. Автор е на две стихозбирки „Патот на душата по зборот што гори“ и „Poetry as a Perfect Entity: The Ethical Dimension of Life: Verses of the Essence“ на англиски јазик, една збирка раскази и поезија „Collection of Poems and Stories: Love the Differences“ на англиски јазик која е преведена и објавена на италијански јазик „Raccolta di Poesie e Racconti: Ama Le Differenze“, на три романи „Дното на моето небо“, „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа“. Добитник е на меѓународни награди, меѓу кои и интернационалната „Concorso Internazionale “Il Parnaso” – Premio “Angelo La Vecchia” VIII Edizione 2022/23“. Дел од нејзините песни се влезени во две антологии издадени во Италија. Има објавено повеќе статии и колумни во италијански портал, како и серија мотивациски текстови.

Comments
* The email will not be published on the website.