ПРОМОЦИЈА НА „ДНОТО НА МОЕТО НЕБО“ од писателката Кристина Краличин Во четврток, на 2 март, во 18 часот, ќе се одржи промоција на првиот роман на писателката Кристина Краличин - „Дното на моето небо“, во издание на ИД-Концепт паблишинг. Ова е втора книга на Краличин, по стихозбирката „Патот на душата по зборот што гори“, која беше промовирана минатата година.
Промоцијата ќе се оджи во Гастротека Сиеста на улица Луј Пастер 11. Промотори на настанот ќе бидат новинарката Сребра Ѓорѓијевска и писателот Денис Бојаров, додека звадоци од романот ќе чита актерот Благоја Чоревски.
„'Дното на моето небо' е кратко патување низ душата на млада жена со скршено срце, која во допир со природата стигнува далеку - поблиску до своето јас. Младата писателка сфаќа дека тешкиот куфер што го носи може да го испразни само таа“ - вели промоторката Сребра Ѓорѓијевска.
Оваа книга ја раскажува интимната, љубовна приказна на една девојка која има преголема доверба во своето момче, кое за краток период се сели да живее заедно со неа во нејзиниот стан. По три преубави години минати заедно, таа ќе се раздели од него и откако ќе увиди тој ѝ е сѐ и дека не може да го замисли својот живот без него, ќе отпатува на тридневен одмор на Бохињското Езеро, кое се наоѓа на 26 км југозападно од Љубљана. Таму ќе се обиде да ги разбистри мислите и да дознае каде се гледа себеси во иднина, но овој пат без него. Дополнителна главоболка ќе ѝ создава и неодамна добиениот отказ од работа во фирма во која работи десетина години.
Иако настојува да го потисне секогаш присутното чувство на размислување за него, таа не може да престане да размислува за причината за разделбата. Загубата ѝ се заканува дека ќе ја уништи. Па, затоа ќе почне да копа по минатото и да бара докази. И набргу ќе открие.
Љубовта за која се бори главната хероина во романот на Краличин, претставува внатрешна теренска борба во своето свесно расудување, многу повеќе отколку надворешна активност, сакајќи да го реши проблемот што го има во затворениот простор на своето постоење. Борбата е основата за преиспитување на љубовта која ја негувала и таа состојба, која авторката ја опишува на уникатен начин, претставува поттик за надминување на личната состојба кај многу читатели што се наоѓаат во иста или слична ситуација.
„Кристина Краличин е книжевен глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска генерација, со свежа и автентична писателска нарација. Нејзиниот роман 'Дното на моето небо' не очекува егзистенцијална поддршка и признание од животот, но од љубовта очекува да биде чиста, искрена и чесна, каква што би требало да биде секоја романтична книга. Овој краток роман го гледаме како етички и онтолошки тест затоа што се занимава со суштински прашања, со прашања за љубовта, доблеста, вистината и одговорноста“ - вели писателот и промотор Денис Бојаров.
„'Дното на моето небо' е неверојатен и незаборавен љубовен роман, но не онаков каков што очекувате. Оваа извонредна книга го истражува стравотниот скок помеѓу крајот на една фаза од животот и почетокот на друга“ - заклучува Бојаров.
Кристина Краличин е поетеса и писателка, по вокација филолог, а говори течно четири светски јазици. Љубовта кон јазиците и кон пишаниот збор ја води уште од најраното детство, кога започнува со пишување на првите песни и токму затоа нејзиното образование и животна определба се насочуваат кон изучувањето на книжевноста. Пишувањето за неа значи нераскинлив сегмент во нејзиното секојдневие, таа со голема умешност и вештина ги обликува своите пишани дела во книги кои се исполнети со аналитичност, сензитивност и интимност. Напишани со раскошен и богат речник, ги опфаќаат најдалечните хоризонти на мислата и зборот, недоглед на убавината, успеваат да допрат до читателот, до најскриените делови на душевните пространства. Книги што носат порака и што долго се паметат. |
|