На саемот на книга, кој се одржува од 18 до 24 април во С.Ц. „Борис Трајковски“, издаваштвата Чудна шума и ИД-Концепт се претставуваат со промоција на една поетска збирка – „Една ноќ“ од Кристина Краличин, со дружења со авторите Д.А.Лори, Живко Грзоданоски, Александра Симова, Хари Дудески, Ирина Атанаскова, креативни работилници со Ана Голејшка Џикова и Ирина Атанаскова и други разновидни активности за деца, млади и возрасни.
Промоцијата на книгата „Една ноќ“ ќе се одржи во сабота, на 20 април, во 18 часот, во промо-центарот на Саем на книга. Промотор ќе биде проф. д-р Ермис Лафазановски. „Една ноќ“ е шеста книга на Краличин, а нејзина втора поетска збирка.
На саемот на книга ќе бидат претставени и изданијата од проектот на Чудна шума наменет за млади читатели „Млади европски приказни – YES“, кој под мотото „Кажи YES за добра книга“ промовира квалитетни изданија за деца и млади од реномирани и наградувани европски автори. Проектот е ко-финансиран од програмата Креативна Европа“ на Европската Унија.
Во рамки на проектот досега се преведени книгите: „Каде е мојот дом?“ од Сезен Аксу Ташјурек (превод од турски Васко Марковски), „Овде, во близина, живее едно девојче“ од Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл (превод од словенечки Дарко Спасов), „Мојата бабичка не знае која сум“ од Ива Безиновиќ-Хејдон и Хана Тинтор (превод од хрватски Калиопа Петрушевска), „Куќа без огледала“ од Мортен Санден (превод од шведски Родна Русковска), „Беззборовната Ела“ од Викторија Патрашку и Кристијана Раду (превод од романски Лидија Димковска) и „Деветтиот живот на принцот на мачките“ од Дора Гимеши и Каталин Сегеди (превод од унгарски Златко Панзов).