Твоето книжевно патешествие започна кога реши да ги собереш, систематизираш и објавиш песните што ги имаше пишувано низ годините – и така настана стихозбирката „Патот на душата по зборот што гори“. Гледајќи на твојот развоен пат – искуство во новинарство, тоа што сестрано се занимаваш со уметност – свириш на гитара и црташ и сликаш, беше очекувано дека ќе нурнеш подлабоко во писателските води, сѐ до дното. Па така следуваше и првиот роман „Дното на моето небо“. Што те натера да почнеш посериозно да пишуваш, и, како што ти самата велиш – да не можеш да престанеш?
- Пишувањето претставува уметност, бидеќи со пишувањето се создава уметничко дело, исто како што сликарот е инспириран од природата, од светот околу себе за да создава уметнички слики, така и писателот е сликар што наместо бои користи зборови. Зборовите во својата моќ и фрекфенција, ја содржат палетата на светлината и преку „спектарот“ на нивната употреба (подредување) ја пренесуваат разнобојноста на мислата на писателот пред публиката. Јас откога знам за себе се наоѓам во средиштето на интересот за уметноста, независно дали станува збор за сликарство, музика или пишување. Но, сепак, уште од мала возраст пишував песни за кои бев наградувана во образовните институции каде што се школував. Таа љубов беше и мојата ѕвезда водилка да го одберам Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје како моја идна наобразба и низ текот на мојот живот јас никогаш не престанав со пишување. За објавувањето на првата моја стихозбирка „Патот на душата по зборот што гори“ проценив дека е дојдено време повеќе да не ги чувам моите дела затворени во мојот компјутер или на хартија, и да ги претставам пред читачката публика. Можеби јас барав кога е најдобро време тоа да го сторам, но можеби и времето „бараше“ од мене поголема созреаност како човек и како писател.
По „Дното на моето небо“, првиот роман од твојот серијал, следуваа и „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа“. Иако жанровски се различни, во овие романи преовладува ист стил и се препознава твојот авторски печат. Како одлучи, бидејќи настојуваше да биде така - да пишуваш популарна фикција, и – бидејќи во сите романи суптилно вметнуваш животни совети и мотивациски пораки – како дојде до тој микс – дали е нешто што ти доаѓа природно, без размислување или е тоа нешто што го осмисли и со тенденција го вметнуваш во целиот серијал?
- Пишувањето роман е сложен и делотворен процес на истражување, анализирање и интуитивно визионирање. Креативното соединување на овие т.н. компоненти, нивно отелотворување во една целина, во збирно капитално дело, на „професијата писател“ условно кажано, ѝ дава вредност и професионален дигнитет. Токму затоа би рекла дека романот како пишано дело претставува креација на умот во детерминирани граници на писателовиот индивидуален капацитет. Пред да започнам со пишување, најпрво сум понесена спонтано и би рекла ненаметливо, без никакви присилби, од поривот што го привлекува моето внимание кон одредена тема или област. Внатрешно имам чувство дека ненапишаните дела ги носам некаде длабоко во себе, во некој мисловен сегмент од каде што извираат како тивок жубор на чиста вода, извираат со една своја јасна претстава, па дури би рекла дека ги визуелизирам делата. Да бидам искрена и јас самата не знам што е тоа што ме понесува во таков еден имагинарен свет кој од мене чека да стане реалност. Миксот на филозофијата и мотивацијата, како и изборот на научните согледувања и факти, е спонтан и тој произлегува од мене сосема природно.
Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за серијалот – тој ти е сосема осмислен – барем како структура и верувам веќе и ги знаеш приказните. Колку романи ќе има, како ќе бидат поврзани, дали можеме да откриеме барем нешто од тоа?
- Уште кога го пишував првиот роман „Дното на моето небо“ се роди идејата за серијалот, кој вкупно ќе брои 14 романи. Поточно првиот роман е нивниот стожер. Со хероината на романот го отворам серијалот, а со неа како главен лик ќе го затворам последниот роман од серијалот во кој ќе го обелоденам нејзиното име и подлабоко ќе го претставам нејзиниот живот и лик. Надвор од таа временска дистанца првиот и последниот роман се всушност една засебна целина. Хероината е претставена во „Дното на моето небо“ како писателка на овие романи што јас ги пишувам. Воедно во секој роман се зачнува насловот, како и дел од темата на наредниот роман, што значи тие се поврзани во самата содржина иако се комплетно различни. За разлика од серијалите кои се основаат врз одредена нишка или заедништво, што ги среќаваме во досегашната литература или пак се реализирани преку филмското платно, моделирани се преку една врска, а тоа најчесто е еден лик или група на лица поврзани пример фамилијарно, во друштво или на друг начин. Секако има и серијали кои се врзуваат за дадена локација, може тоа да биде место, град, институција, на пример болница, училиште, полициска станица, ресторан итн. Исто така, има серијали кои се поврзуваат со факторот време, на пример се пишува за писатели, сликари, познати фамилии или историски настани кои се случиле во одреден период. Серијалите, често пати, се врзуваат и со одредена тема. Но, овој мој серијал е поинаков од сите што се среќаваат досега, од причина што не се врзува во ниту еден сегмент за стандардите на постоењето на серијалите. Кај мене во делата, ликовите не се исти, локациите, исто така, се сосема различни, аспектот на темата е различен, а временскиот период е димензија која се движи во сите правци. Сакам да кажам дека романите се меѓусебно поврзани на цврст и кохезивен начин во повеќеслојна структуралност. Освен тоа, самиот серијал има различни нивоа, ликовите и настаните се едно ниво, друго ниво се нивните дела како нишка на поврзување, а над тоа ниво е анонимната писателка што ги пишува и поврзува сите нив како нејзини дела. Оттука започнува дното на градењето, што всушност е небо од чии висини се поставуваат самите основи и темели на романите. Така, последниот роман всушност истовремено е прв во серијалот според логиката на временските дејствија. Еве како тоа би го објаснила: Главниот лик Роберт Хил од „Денот пред да се стемни“ ги чита првите страници на новиот роман „Последна шанса за втора клапа“, каде младиот сценарист Тери Милер е главен лик. Дејствијата на двата романи се сосема различни, но на еден начин би рекла дека во временската рамка на случувањата се преплетува времето губејќи ја својата значајност за минато, сегашност и иднина. Ако Роберт Хил кој е лик од првиот роман на анонимната писателка чита за ликот Тери Милер кој е од нејзиниот втор роман, во имагинарниот свет на постоењето на двата романи, Тери Милер веќе се случил што значи е претходник на Роберт Хил. Тоа значи дека имаме обратнопропорционално време на настани. Тоа е временска димензија што се пречекорува поинаку од сказалките на часовникот на што сме навикнати. Кога би ја претставила шемата во 3D дијаграм (дрво на романите), ќе наидеме на испреплетени гранки кои влегуваат едни во други во различни временски зони, а сите потекнуваат од едно исто стебло. Значи тоа е еден серијал што постепено ќе се разоткрива пред очите на читателите и јас овој серијал би го нарекла крупен проект во кој моите ангажмани на пишувањето ќе бидат на врвно и завидно ниво.
Кога раскажуваш, пишуваш доста филмично, посветувајќи особено внимание на деталите – детален опис на ликовите, просториите, местата, облеката... Можеш ли да ни откриеш нешто повеќе за самиот процес на пишување, со што се бориш, а што лесно извира од тебе?
- Кога сакам да го опишам тоа што сум одбрала да го работам како тематика, да ги опишам главните ликови, локациите, местата на акцијата, од голема важност ми е што треба да пренесам во романот, а што треба да занемарам – на што најмногу да ставам акцент, дали тоа ќе биде моменталниот израз на лицето, описот на природата, погледот низ отворениот прозорец или дејствието што го врши ликот во моментот. Но, своите дела јас и откако ќе ги напишам ги препрочитувам по многу пати со цел да изменам, додадам или одземам нешто што заслужува внимание. Не водам битка со своето дело, не се борам со мојата определба додека пишувам, јас единствено се борам со времето. Би сакала да имам многу повеќе време и слободен простор за пишување. Тоа е таа битка што редовно ја водам додека пишувам.
На повидок е нова поетска збирка, а веќе работиш и на четвртиот роман. Како досегашното искуство влијае на твоите идни дела? Дали има нешто што беше замислено поинаку, а сега се менува откако ги имаш в раце овие романи, или, можеби по реакциите што ги добиваш од читателите?
- Точно е тоа дека досегашното искуство влијае на моите идни дела. Едноставно кажано, пишувањето роман е искуство. Кога постои концепт, основа, план за да се реализира тоа дело во завршен изглед, искуството не го носиме во себе со почетокот на тој процес. Јас ја имам содржината на романот во главата, но ја немам неговата конечна форма со деталите, стилското изразување, аспектот на набљудување и опишување. Пишувањето романот е процес низ кој самиот писател минува за прв пат. Секое ново дело со нова тематика, бара минување по тој пат за прв пат! За да проникне во сржта на настаните што треба да ги опише писателот никогаш не е сам и не мирува. Тој другарува со своето дело, комуницира, размислува на него постојано. Да даде име, лик, карактер, главна улога, животна ситуација, сплет на настани и ликови, писателот мора да знае како да излезе од сопствената кожа и да се внесе во туѓата. Да чувствува заедно со него, да плаче или да се смее, да води разговори меѓу него/неа и другите ликови во романот, да се стави од онаа спротивната страна на себе си. Видеокругот, т.е. видното поле на писателот е повеќе од 360 степени, тоа има длабоки и непознати простори кои допрва треба да ги разоткрива и да ги запознава самиот тој. Тоа не е нималку лесна работа. Понекогаш имам чувство дека работам повеќе од 24 часа дневно. За писателот нема одмор. Тој го запознава своето дело преку личниот пристап на размислување уште пред да почне да го оформува, потоа следи самата реализацијата, а на крај и промоција на тоа дело. Како што реков во една пригода, книгата има има крв, циркулација, пулсира невидливо помеѓу зборовите, но многу опипливо – тој нејзин живот многу зависи од реакцијата на публиката со други зборови – писателот и публиката комуницираат преку книгата!