08 Mar
08Mar

Интервјуто го водеше: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gorgijevska@umno.mk 

Еден роман се пишува користејќи го насобраниот депозит во својата душа низ животот. Не се пишува веднаш, не се пишува преку ноќ, тој е дел од сѐ тоа што значи комплетност на една личност, како што се: образованието, културата, искуствата, афинитетите и, секако, природниот талент што се поседува – вели авторката

Книгата, како што велам и во самиот роман, има срце, крвоток, има пулс, има карактеристики на жива материја, некаде плаче, некаде крвави, некаде се развеселува. Животот не заживува или згаснува сега или тогаш во одредено време. Книгата постои надвор од временската одредница, таа лебди во просторот како своевидна енергија што допира таму каде што знае да изгрее и нејзината силна жар. Никој нема таква моќ да го одредува текот на векот на една книга – вели писателката Кристина Краличин. Нејзиниот прв роман „Дното на моето небо“ беше промовиран неодамна во издание на Concept Publishing и „Чудна шума“ од Скопје. 

„Дното на моето небо“ е ваш прв роман. Следува по збирката песни „Патот на душата по зборот што гори“, објавена минатата година. Колку време тлееше во вас романот?

– Ова е мој втор роман што е напишан, прв е „Преполнет куфер“ кој е напишан пред 5 години, но не е објавен. Сегменти од тој роман се вметнати во овој мој роман „Дното на моето небо“ и затоа го споменувам, бидејќи стилот на пишување е различен што воедно беше добредојдено во комплетирањето на романот. Ако се чита внимателно романот „Дното на моето небо“ ќе се забележат три различни стилски изразувања, што секако е намерно осмислено и не е случајно. Пишувањето како порив, како повик или како цел во животот тлее од најраните години. Еден роман се пишува користејќи го насобраниот депозит во својата душа низ животот. Не се пишува веднаш, не се пишува преку ноќ, тој е дел од сѐ тоа што значи комплетност на една личност, како што се: образованието, културата, искуствата, афинитетите и, секако, природниот талент што се поседува. Затоа, со право можам да кажам – овој роман, па и секој нареден во мене тлее целиот мој живот, бидејќи во романот се изнесуваат сите оние знаења и анализи што човек ги носи во себе долги години.

Приказната е едноставна – љубовна романса, кој е поткрепен и со елементи на популарната психологија. Ви требаше ли многу време да ја најдете формата на целото? Шаравте ли можеби низ повеќе верзии за да стигнете до конечната?

– Романот е многу повеќе од приказна на едноставна љубовна романса. Бидејќи, едноставноста не познава сложена и разновидна структуралност, посебно кога акцентот е ставен на душевната состојба кај човекот која носи повеќеслојни димензии на свесното постоење како основни, етаблирани композиции на својата внатрешна личност. Не постои едноставен психоаналитичен приод кон разоткривање на своите најдлабоки интимни кога станува збор за релација сам кон себе. Романсите се карактеризираат како лирско-епски дела најчесто со љубовна содржина и среќен крај. Романсите вообичаено имаат почеток со своевидни храбри подвизи на главните ликови кои ја бранат, штитат или оправдуваат честа на саканиот или саканата пред другите луѓе и на крајот најчесто завршуваат во среќно заедништво, што не е случај со овој роман. Токму затоа, би рекла дека овој роман претставува модерен роман каде дејствијата се одвиваат внатре во човекот, во најдлабоките регии на својата душевна деликатност. Дејствата на модерните романи влегуваат во светот на потсвеста и ја развиваат техниката на солилоквиум (збор што доаѓа од латински и значи „себе“ и „раскажува“, поточно монолог упатен самиот кон себе). Тука лежат големите прашања за своето постоење, за целта во животот, кои не се само филозофски аспекти на индивидуата туку целисходни општи прашања. Исто како и во романот „Дното на моето небо“ кој има мудри мисли што содржат големи пораки во себе.

Јас единствено можам да шарам кога сликам нешто на слика каде употребувам бои за да го средам своето уметничко дело во посакуваната колоритност, но во пишувањето, непромениливо го препознавам патот по кој се движам, поточно по кој е напишано моето дело. Тој пат е изграден од најцврстата калдрма коцки што се реди внимателно и мошне прецизно. Шарањето во книжевноста за мене би значело експериментирање, испитување, непознавање, и би кажала дека тоа со сигурност му припаѓа на минатото, некаде каде што мојата детска љубопитност ги собирала коцките и учeла како да ги подреди. Сега не станува збор нималку за шарање, туку за градење. Пишувањето значи љубов што се гради цврсто и решително. Декорациите на делото може да варираат, да се менуваат, да се дооформуваат со текот на времето, но основата е главен стожер и цврста арматурна стега околу столбот на романот, кој нималку не дозволува шарање или нестабилна конструкција на истиот. 

По професија сте во дејност која што и нема врска со литературата. Ви претставува ли пишаниот збор можеби и вид бегство од секојдневнието?

– По вокација сум филолог. Дипломирав на Филолошкиот факутелтет – „Блаже Конески“ во Скопје и со самото тоа дадено е големо значење на пишуваниот збор за мене и за моите дела. Не би рекла дека за мене пишувањето значи бегство, туку спротивно, пронаоѓање. Пишувањето е најубавата средба сам со себе, токму и затоа го нарекувам – пронаоѓање.

Ви значи ли мислењето на луѓе од областа на книжевноста во процесот на пишување / создавање на едно дело?

– Многу неблагодарно би било да кажам дека ми значи мислењето само на одредена група луѓе, бидејќи читателската публика е разновидна, комплексна и секој ја толкува семантичката фундаменталност на зборот мошне индивидуално. Не очекувам да имам пофални зборови од секого, но искреноста е главниот адут кој не треба да го криеме како карта во ракавот за да ја прикриеме повеќе од сѐ објективноста. Ми значат искрените мислења, забелешки, анализи и оцени од читателите.

Кои се вашите омилени автори, што сакате да читате?

-Има многу автори кои ми оставиле посебни впечатоци, но сепак би го издвоила Мирослав Мика Антиќ како врвен писател, поет и мислител кои има големо влијание врз мене.

Продолжението на „Дното на моето небо“ речиси е готово. Кога би било објавено или ќе му дадете малку повеќе време на првенчето да заживее кај читателите?

– Книгата, како што велам и во самиот роман, има срце, крвоток, има пулс, има карактеристики на жива материја, некаде плаче, некаде крвави, некаде се развеселува. Животот не заживува или згаснува сега или тогаш во одредено време. Книгата постои надвор од временската одредница, таа лебди во просторот како своевидна енергија што допира таму каде што знае да изгрее и нејзиниот силен жар. Никој нема таква моќ да го одредува текот на векот на една книга. И ден денес читаме книги од најстарите мудреци како што се Сократ, Аристотел… или пак писателите од стариот век, писателите од предвоените периоди и сите тие имаат многу книги што постојат во истиов момент пред нас. Една книга не побива друга книга, паралелно постојат и на тој начин поголем избор имаат читателите. Согласно со прашањето значи ли тоа дека сите нови книги ги побиле старите писатели и нивните дела? Не. „Живеењето на книгата“ не е во такви размери. Таа живее многу поинаку, нејзиниот срцев ритам не се врзува со секундите, туку со вечноста. Постои во етерот, таму каде нашите очи немаат капацитет да гледаат, но нашата душа тоа го чувствува. Секое дело иако е врзано во некаква целина, постои надвор од временската мерливост.

Објавата е преземена од Умно.мк - Линк до оригиналниот пост.

Comments
* The email will not be published on the website.